Ременски утре ќе даде исказ за „Рекет“
Поранешната функционерка на СДСМ, Фросина Ременски, утре треба да даде исказ во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал за случајот „Рекет“, дознава „Плусинфо“.
Пратеничката на владеачката партија е почесна претседателка на Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски Боки 13. Таа веќе ги демантираше гласините дека заедно со нејзиниот сопруг е вмешана во аферата во која засега осомничени се Бојан Јовановски, Зоран Милевски и Катица Јанева.
„Селективното презентирање на содржината од објавениот записник со манипулирање и насочување кон заклучоци и новинарски интерпретации за некаква моја вмешаност и вмешаност на мојот сопруг во случајот Рекет, ги ценам како груби клевети и невистини. Овој текст продуцираше написи и наслови во други портали со иста содржина.
Обвинителството ги има на располагање сите права и обврски да ја утврди точноста на сите дејствија за сите спомнати во записникот. Медиумскиот суд не може да биде замена за институционално постапување“, наведе Ременски неодамна на Фејсбук.