Во Хрватска во тек се подготовките за пописот на населението, кој ќе се одржи од 1 април до 7 мај 2021 година, кој според Државниот завод за статистика треба да биде и последен.
Директорката на Државниот завод за статистика Лидија Брковиќ за порталот Индекс изјави дека тоа ќе биде последниот теренски попис на населението, за време на кој физички треба да се посетуваат станови и куќи и да се анкетираат становите. наместо таквиот попис, според Брковиќ, ќе биде воведен административен регистар на население.
– Во иднина ќе се работи на укинување на ваков попис какови што имавме досега на секои 10 години, кога попишувач доаѓа во домовите. Сега, државите членки на ЕУ ќе мора еднаш годишно на Евростат да испраќаат клучни податоци за населението, а не на секои 10 години. Поради тоа е неопходно воведување регистар на население, појасни Брковиќ.
Таа појасни дека Државниот завод за статистика не може да биде носител на таков регистар, туку тој треба да биде во Министерството за внатрешни работи или Министерството за градежништво.
Брковиќ вели дека хрватското МВР веќе има регистри на население, но дека тие не се до крај развиени.
– Се надевам дека ќе ги развијат и потоа Заводот за статистика ќе ги користи тие регистри, бидејќи податоците ќе ни бидат достапни. На тој начин ќе собираме податоци за населението и ќе правиме попис, но без потреба од одење на терен, рече Брковиќ.