Јосифовски од стан под кирија осум месеци го хакирал Централен регистер и го оштетил за 35 милиони денари

Поранешниот пратеник од Нова содицијалдемократска партија (НСДП) Љубомир Јосифовски oд стан во кој живеел под кирија го хакирал Централниот регистар, неовластено ги користел броевите за нарачки на производи и давал системски команди за нови нарачки со што ја оштетил институцијата за 35 милиони денари, дознава „А1он“.

Јосифовски од изнајмениот стан 30 пати неовластено влегол во компјутерскиот систем на Централниот регистар во периодот од јануари до крајот на август.

Јосифовски синоќа бил приведен во полициската станица „Центар“, а екипи на МВР направиле претрес во станот во Скопје,  каде што тој  под кирија престојувал и од каде што ги правел нарачките. По обезбедувањето на материјалните докази пратеникот бил пуштен на слобода.

Од МВР информираа дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во Биро за јавна безбедност при МВР вчера по претходно доставена пријава од страна на Централниот регистар и по консултација со надлежен Јавен обвинител од ОЈО Скопје, го лиши од слобода 46-годишниот Љ.Ј. од Скопје. Тој се сомничи за сторено кривично дело „Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“, предвидено и казниво по чл.251.

„Лицето Љубомир Јосифовски со намера да се стекне со противправна имотна корист, преку неговиот контролорски акаунт навлегол во компјутерскиот систем на Централниот регистар при што неовластено ги користел броевите за нарачки на производи и дополнително извршувал системски команди со кои правел нови нарачки во позадински систем и од него добивал нови податоци. Со ова дејствие на Централниот регистар, согласно неговата тарифа, му причинил штета во висина од 35 милиони денари во временски период од јануари до септември 2019 година“, стои во документите до кои дојде „А1он“.

Треба да знаете
Последни објави