„Њујорк Тајмс” нема повеќе да биде еден од главните спонзори на „Нафта и пари”, една од водечките меѓународни конференции во нафтено-енергетскиот сектор поради протести на активистите за заштита на природната средина.
Весникот се повикува на темите на конференцијата кои „предизвикуваат загриженост”, соопшти денеска „Гардијан”, повикувајќи се на официјален претставник на американското издание.
-Не сакаме да ја ставиме под сомнеж нашата независност, изјави претставникот.
Поради спонзорството на конференцијата, „Њујорк Тајмс” од одамна е предмет на критика од борците за заштита на природната средина. Деновиве пред седиштето на весникот во Њујорк имаше активисти од зелените кои носеа транспаренти со порака „место на еколошко злосторство”.
Менаџментот на весникот одлучи да ја напуши конференцијата после јунските протести на меѓународното еколошкото движење „Екстинкшн Ребелион” (Extinction Rebellion). Тогаш полицијата во Њујорк уапси 70 активисти кои протестираа пред седиштето на весникот против тоа како медиумите известуваат за проблемот со климатските промени.
Овогодишната „Нафта и пари” е јубилејна, четириесетта конференција по ред, ќе се одржи од 8 до 10 октомври во Лондон. Според објавената програма, на собирот ќе настапат министрите за нафта и енергија на Ирак, Обединети Арапски Емриати, Катар, како и првите луѓе на нафтените гиганти „Тотал”, „Би-Пи”, „Гунвор”, „Трафигура”, генералниот секретар на ОПЕК, но и топ менаџарите на сите големи нафтени компании во светот.
Инаку, минатата недела членови на „Екстинкшн Ребелион”, заедно со ученичката Грета Тунберг, шведска активистика која го преплови Атлантикит на јахта со нула издувни гасови, и илјадници американски ученици, протестираа пред седиштето на ОН во Њујорк против климатските промени и глобалното затоплување.