Во изминатите две години уапсени седум лица во Грција под сомнение дека се вмешани во терористички активност

Од 2017 до 14 август годинава во Грција биле уапсени седум странски државјани под сомнение дека биле вмешани во терористичко- екстремистички активности поврзани со вооружените судири во Сирија и Ирак, jави дописничката на МИА од Атина.

Ова произлегува од одговорот на министерот за цивилна заштита на Грција, Михалис Хрисохоидис, по пратеничкото прашање упатено од лидерот на партијата Грчко решение, Кирјакос Велопулулос на тема „Транзит на борци на ИСИС на грчка територија”.

-Во секој случај кога се утврдува дека лицето се гони на меѓународно ниво или произлегуваат јасни знаци и/или докази за негова вмешаност во терористичко- екстремистички активности поврзани со вооружените судири во Сирија и Ирак, грчките безбедносни власти апсат и ги преземат сите предвидени дополнителни процедурални активности и/или потребни процедури за екстрадиција. Се потенцира дека во периодот 2017-2019 (до 14.08.2019) уапсени се или врз основа на европски и меѓународни потерници за апсење или поради предистражна вмешаност во погоре опишаните активности, вкупно седум (7) странски државјани, вели министерот за цивилна заштита на Грција во писмениот одговор до Велопулос.

Лидерот на Грчко решение во пратеничкото прашање од 8 август годинава бараше одговор за тоа „какви мерки се преземени за да се затворат портите за влез од островите во Егејското море и од Еврос” и „колку борци на ИСИС се откриени на грчката територија и какви мерки презема Министерството”.

Хрисохоидис вели дека за заштитата на земјата од опасноста од ширење на исламистички терористи / џихадисти, како и на меѓународен тероризам и насилен екстремизам, „надлежните служби ги следат меѓународните случувања и ги преземаат неопходните превентивни мерки”.

Треба да знаете
Последни објави