По двомесечно тргување на фудбалската берза заврши преодниот рок во поголемиот дел од европските земји. Рекордниот трансфер на Бразилецот Нејмар од Барселона во ПСЖ направен пред две лета за 222 милиони евра остана недостижен.
Преселбата на играчите ова лето ја одбележа младиот Жоа Феликс кој од португалската Бенфика се пресели во шпанскиот Атлетико Мадрид. Атлетико плати 126 милиони евра, а Феликс уште на првите настапи во „црвено-белиот“ дрес потврди дека инвестицијата ќе биде исплатлива.
Првите три трансфери на листата најскапи ја комплетираат двата шпански гиганти Барселона и Реал Мадрид. Антоан Гризман за 120 милиони евра од Атлетико Мадрид замина кај Барселона, а Реал Мадрид ја комплетира најдарежливата тројка која одвои најмногу пари, за Еден Азар на Челси му плати 100 милиони евра.
Зад водечката тројка напаѓачи веднаш е двоец на бранители. Хари Магваер за 87 милиони евра од Лестер премина во Манчестер јунајтед и стана најскапиот одбранбен играч, а Матијас де Лихт со само 20 години од Ајакс за 85,5 милиони евра отиде во редовите на италјанскиот првак Јувентус.
Зад првата петорка со платени 80 милиони евра за нивните услуги се најдоа Лукас Хернандез кој од Атлетико Мадрид отиде во Баерн Минхен и Николас Пепе од Лил во Арсенал.
Френки де Јонг за кого Барселона му плати на Ајакс 75 милиони евра се најде на осмата позиција, а листата од топ-10 најскапо платени играчи летово ја комплетираат Родри со преслебата од Атлетико Мадрид во Манчестер сити за 70 милиони евра и Ромелу Локаку кој за 65 минилни евра го напушти Манчестер јунајтед за да го облече дресот на Интер.