Портпаролката на албанската Владата во исто време и министерката за односи со Парламент, Елиса Спиропали,го обвини шефот на државата Илир Мета дека бил дел од сценарио за дестабилизација на Албанија.
За тиранската телевизија „Њуз 24″ таа изјави дека претседателот Мета го „прекршил Уставот со двете нозе”.
На прашањето дали владејачкото мнозинство има ново име за замена на Мета, откако почнаа процедурите за негово разрешување, министерката рече дека за почеток ќе се спроведе соодветна истрага од собраниската анкетна комисија.
– Ние не брзаме со непочитување на рокови, не сме разговарале за ново име, не сме во таа фаза. Во моментов е формирана комисија која ќе ги испита уредбите на претседателот, ќе продолжи истражниот процес и ќе гласа Парламентот. Потоа останува Уставниот суд да одлучи, но за нас е многу јасно дека Мета го прекршил Уставот со двете нозе и е дел од сценарио за дестабилизација на Албанија. Тој не го застапуваше интересот на народот во ниту еден момент, наведе Спиропали.
Меѓу другото нагласи дека Парламентот набрзо треба да ги изгласа изборните реформи, за што како што рече, има место и за вонпарламентарната опозиција и оти се надева дека таа тоа ќе го стори.
– Исто така многу значајна реформата во правосудството. Очекуваме нејзина имплементација. Се е подготвено и ние сакаме се да дојде на свое место, посочи Спиропали.
Осврнувајќи се на длабоката политичка криза, таа истакна дека Социјалистичката партија е подготвена да седне на маса со опозицијата, но без ултиматуми. Според неа, Љуљзим Баша не успеал да ја води опозициската акција и затоа „демократите мора да најдат нов лидер”.