Македонската фудбалска репрезентација со оптимизам за нов триумф одбројува до почетокот на утрешниот квалификациски натпревар за ЕП-2020 со Израел во Бер Шева (20.45 часот). Во Аждод, каде е базата на „црвено-жолтите“ македонскиот селектор Игор Ангеловски ги има на располагање сите повикани репрезентативци за септемврискиот квалифиакциски двомеч. Експедицијата од Израел продолжува за Рига каде на 9 септември ќе игра со Летонија.
Македонија нема да оди во Бер Шева на задолжителниот тренинг каде ќе се игра натпреварот, туку двата заеднички ќе ги одржи во Аждод за да не се тормозат фудбалерите. За ваквата испланирана „прошетка“ се налути и селекторот Ангеловски кој на вчерашната прес- конференција куртоазно им се заблагодарил на домаќините со најава дека во иста мера ќе бидат гостољубиви кога ќе дојде ред за реваншот.
Само капитенот на хрватскиот првак Динамо Загреб, Аријан Адеми е под посебен надзор. Работи со екипата, но селекторот Ангеловски одлучи да не биде во комбинација за почетниот состав. Ќе го има крајсебе на клупата и доколку загусти ќе го пушти во игра, бидејќи сеуште не е целосно рехабилитиран од повредата здобиена во настапот за хрватскиот првак Динамо против Хајдук. Адеми се најавува дека ќе го игра целиот натпреавр со аутсајдерот Летонија.
Ова не го намалува оптимизот во македонската експедиција, која во Израел допатува да се рехабилитира по двата домашни порази од Австрија и Полска, кои ја сместија во долниот дел од табелата во групата, по стартот со четири бода од два меча. Нови четири бода во септемврискиот двомеч треба да биде полна-капа за избраниците на Ангеловски.
-Сакаме да се вратиме во игра за висок пласман во групата по домашните порази. Знаеме како треба да одиграме за да го победиме Израел. Го покажавме тоа пред две години, вели искусниот Иван Тричковски, кој е расположен за голови во дресот на кипарскиот АЕК Ларнака.
Македонија пред две години во Хаифа го совлада Израел со погодокот на капитенот Горан Пандев.