Ирански официјални претставници изјавија денеска дека се подготвени целосно да го применуваат нуклеарниот договор од 2015 година во замена за кредитна линија од околу 15 милијарди долари, за која се преговара со Европејците, објавија иранските медиуми.
Франција, Германија, Велика Британија и Иран последните недколку денови разговараат околу тоа како да се спаси меѓународниот договор постигнат во Виена во 2015 година и кој е доведен во прашање кога САД едострано се повлекоа во мај минатата година.
По повлекувањето, САД повторно воведоа санкции против Иран, а потоа ги заострија низа економски санкции.
Како реакција на враќањето на американските санкции, Иран почна да се откажува од некои свои обврски преземени според договорот од Виена и се заканува дека ќе повлече од дополнителните обврски од 7 септември.
– Иран ќе се врати на целосна примена на договорот само доколку може да ја продава својата нафта и без проблеми да ги користи средствата од таа продажба, изјави иранскиот заменик министер за надворешни работи Абас Арагши.
Според иранските медиуми, Аргаши, кој во понеделникот беше во Париз со тим ирански преговарачи, истакна дека преговорите се однесуваат на можно ослободување кредитна линија од околу 15 милијарди долари на четири месеци. Тој износ претставува околу една третина од иранскиот извоз на нафта во 2017 година и дадените средства ќе бидат вратени преку идна продажба на нафтата, изјави француски дипломат.