Српската влада формираше работна група за соработка со ОБСЕ и со Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) заради подобрување на изборниот процес во Србија.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, според одлуката на владата, објавена во„ Службен весник”, задача на работната група е „во сороаботка со ОБСЕ и ОДИХР” да го координира и следи спроведувањето на препораките од Извештајот на мисиите на ОБСЕ / ОДИХР за проценка на изборите.
За претседател на Работната група се назначени министерот за внатрешни работи и вицепремиер, Небојша Стефановиќ, а заменик ќе биде Дејан Ѓурѓевиќ, директор на Републичкиот секретеријат за законодавство.
„Работната група активно ќе соработува со претставници на сите надлежни органи и организации, како и со претставници на меѓународните институции и тела кои преку разни проекти учествуваат во процесот на подобрување на изборниот процес”, се наведува во одлуката.
Групата е овластена да побара од органите на јавната администрација доставување на податоци, документи и извештаи кои се значајни за извршување на својата задача.
Исто така, работната група е должна да подготвува извештаи еднаш на шест месеци до надлежниот собраниски одбор, односно Владата, до денот кога заедничката група ја завршува својата работа.
Крајниот рок на работната група за извршување на задачата е 31 декември 2021 година, односно додека трае спроведувањето на примената на препораките за подобрување на изборниот процес, се наведува во одлуката на Владата.
Во Србија на пролет идната година треба да се одржат редовни парламентарни и локални избори, на кои, поради немањето фер и слободни услови, меѓу кои е и самиот изборен процес, досега бојкот најавија Народната партија (НС) на Вук Јеремиќ, Двери на Бошко Обрадовиќ, Партијата за слобода и правда (ССП) на Драган Ѓилас, а бојкот од останатите партии вчера побараа и организаторите на протестите „1 од 5 милиони”.