Зајакување на воената соработка на балканските држави, како и начините на спротивставување на сите безбедносни предизвици, ризици и закани во регионот е целта на тринаесеттата конференција на началниците на Генералштабовите на балканските земји која се одржува во Букурешт, Романија на која учествува и Началникот на Генералштабот (ГШ) на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Како што соопштија од ГШ, Ѓурчиновски за време на своето излагање ја истакнал важноста и придобивките од вежбите и обуката како практични форми за промовирање на доверба, соработка, интероперабилност и меѓусебно разбирање, како и поддршката за понатамошен развој и остварување на проекти коишто ќе ја зајакнат понатамошната регионална соработка. Тој се заблагодарил на претседателите на групите за координација, асиметрични закани и едукација, обука и вежби за нивната работа во текот на изминатата година. Токму во духот на оваа соработка е организацијата и реализацијата на Основниот курс за односи со јавноста во период од 30 септември до 2 октомври во Регионалниот центар за односи со јавноста во Скопје.
Во рамки на конференцијата, генералот Ѓурчиновски остварил средба со началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Романија, генерал Николае Ионел Чука на која се разговарало за можностите за продлабочување на билатералната соработка во доменот на обука и вежби.
Согласно програмата на тринаесеттата конференција, началниците на Генералштабовите на балканските земји потпишале заедничка изјава со која ја потврдуваат цврстата заложба за проширување и зајакнување на воената соработка.
На конференцијата, покрај началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Романија, генерал Николае Ионел Чука, како домаќин, учествуваат и началниците на Генералштабовите на армиите од осум земји од Балканот и тоа: Република Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Босна и Херцеговина, Србија, Турција и Црна Гора и како набљудувачи Хрватска и Словенија. Специјални гости на конференцијата се претседателот на Воениот комитет на НАТО, маршал Стјуарт Пич и воениот советник за мировни операции во Обединетите нации, генерал-потполковник Карлос Хумберто Лоити, како и високи претставници од Воениот комитет на Европската унија и Командата на здружените сили на НАТО во Неапол.