Апсолутно не е точно дека одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) не е донесена во согласност со Законот за енергетика, напротив во законот е точно наведено дека цената на топлинската енергија произведена од нерегулиран производител како што е ТЕ-ТО е пониска од цената на регулираниот производител. Ова го посочи претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски во одговор на вчерашната реакција од БЕГ дистрибуција од каде наведоа дека одлуката на РКЕ за определување на тарифата на топлинска енергија за Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ е спротивна на Законот за енергетика.
– Во изминатите шест години се оставало на свест и совест на нерегулираниот производител и неговата фирма ќерка БЕГ дистрибуција, која е регулирана компанија, да ја определуваат цената и си договарале цена за 0,02 денара по киловат час пониска од цената на регулираниот производител. Ние со тоа не се согласуваме, имајќи во предвид дека станува збор за когенеративна постројка која покрај топлинска примарно произведува и електрична енергија. Заради тоа, во нашата последна одлука јасно и прецизно утврдивме цената на ТЕ-ТО да биде пониска за 15 проценти од цената на регулираниот производител за да имаат јасна предвидливост и ТЕ-ТО и дистрибутерот, рече Бислимоски на денешната прес-конференција.
Нагласи дека не се точни и тврдењата дека ТЕ-ТО како нерегулиран производител не добива некаква поддршка, изнесени во вчерашната реакција на БЕГ дистрибуција на неговата прес-конференција.
-Напротив, цената за пренос на природен гас е најниска за когенеративните постројки, потоа следат производителите на топлинска енергија кои имаат нешто повисока цена и понатака сите останати потрошувачи. Дополнително, за да му се помогне на ТЕ-ТО во летните месеци во периодот кога завршува грејната сезона и кога нема производство на топлинска енергија која би се продала на системот за дистрибуција, цената за пренос на природен гас му се намалува за дополнителни 50 проценти за да произведува електрична енергија и да биде конкурентен на пазарот, рече Бислимоски.
Посочи дека е точно оти во земјите на ЕУ и во регионот постојат модели на поддршка на когенеративни постројки, но додаде дека кога ја граделе и купувале ТЕ-ТО нејзините сопственици знаеле дека во нашата држава нема таква поддршка.
-Податоците и споредбите што ги кажував со Германија се многу точни и прецизни. Тоа е студија за техника и трошоци на когенеративни постројки изработена од Здружението на инженери во Германија и им ја препорачувам на колегите од БЕГ дистрибуција и ТЕ-ТО да ја проанализираат и да видат дека цената на топлинска енергија, односно трошоците за нејзино производство изнесуваат 20 до 30 проценти од вкупните трошоци за производство на електрична енергија, појасни Бислимовски.
Додаде дека додека е тој претседател на РКЕ повеќе ќе нема толку мала разлика во цената на произведената топлинска енергија меѓу регулираниот и нерегулираниот производител како што претходно се договарале БЕГ дистрибуција и ТЕ-ТО.
-Со намалување на цената на произведената топлинска енергија од ТЕ-ТО не губи ништо БЕГ дистрибуција, единствено губи нивната фирма мајка – ТЕ-ТО. Не можеме да дозволиме прелевање на пари од регулираниот бизнис и тие да завршуваат во нерегулираниот бизнис каде немаме никаква контрола. На ТЕ-ТО му дадовме јасен сигнал за да знае на што е, односно дека цената ќе му биде 15 проценти пониска. Може да ги намали своите трошоци, да најде пониска цена за природен гас,… Игравме отворено и ништо не криевме во одлуката, посочи Бислимоски.
Не сакаме, додаде, да дозволиме и во иднина фирмата мајка БЕГ АД, која е формирана од истите сопственици на ТЕ-ТО, да купи автомобил и да го изнајмува на фирмите ќерки кои се на регулираниот пазар, а тоа да го плаќаат крајните корисници на топлинска енергија.
-Не може една „дачија дастер” купена за 9.200 евра шест години да се изнајмува месечно за 350 евра на БЕГ дистрибуција или на БЕГ снабдување. На тој начин кола купена 9.200 евра ги чини потрошувачите 25.200 евра кои завршиле кај фирмата мајка. Купувани и изнајмувани се и софтвери. Од минатата година тоа е искоренето, а и годинава одиме во таа насока, рече Бислимоски.
Согласно новиот Закон за енергетика, сите одлуки на Регулаторната комисија за енергетика може да бидат обжалени пред Управниот суд.