Пратеникот од СДСМ и член на собраниската Комисија за избори и именувања Костадин Костадинов на денешната седница на која се расправа за извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на Катица Јанев, побара изземање на претседателот на Комисијата, Илија Димовски.
– Би сакал да дадам едно укажување, а се однесува на Законот за спречување корупција и судир на интереси. Сметам дека вие треба да се изземете од водењето на Комисијата согласно овој закон и согласно етичкиот кодекс особено во делот на судир на интереси во членот 8 , рече Костадинов.
Тој предложи наместо Димовски, Комисијата да ја води Зоран Илиоски кој е негов заменик, а исто така пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Комисијата, Димовски му одговори дека обврските на пратениците произлегуваат од граѓаните, но и доколку се следи неговиот предлог лично тој, но и други членови на Комисијата од пратеничката група на СДСМ би требало да бидат изземени поради сомнежи за вмешаност во случајот „Рекет”. Потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ не побарало нивно изземање затоа што го почитува правото на презумција на невиност.
-Пратениците имаа потполно право да ги обавуваат своите обврски преку гласање, изјаснување, говорење или претседавање со одредени работни тела без никакво ограничување заради тоа што Собранието на Република Македонија е орган од највисок интерес составен врз основа на волјата на граѓаните, а не на било која друга институција, истакна Димовски.
Доколку го следиме вашиот предлог ќе треба и вие лично, но и поголемиот дел од членовите на Комисијата од СДСМ да бидат изземени бидејќи се инволвирани или имаат сомнеж дека се инволвирани во најновиот скандал рекет, истакна Димовски.