Министерката Апостолска се сретна со членки на регионалната комора при Стопанската комора на Македонија во Кичево

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска во рамки на активностите за претставување на измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестициите пред стопанственици од различни региони на земјава, денеска се сретна со членки на регионалната комора при Стопанската комора на Македонија во Кичево, на која учествуваа претставници на домашани и странски компании од овој регион.

Од Кабинетот на Апостолска соопштија дека таа на средбата истакнала дека Владата посветено работи на унапредување на бизнис климата преку реализација на низа комплементарни економски мерки, еден дел содржани и во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кои се насочени кон поттикнување на нови инвестиции, стимулирање на претприемништвото, унапредување на технолошко-техничките процеси, како и воведување иновации во производствените процеси на компаниите кои работат во земјата, со крајна цел креирање на нови, подобро платени работни места и повисока конкурентност на економијата.

– Во насока на реализација на приоритетот за остварување на побрз и одржлив економски раст и развој се направија и измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со што компаниите од ИТ секторот, секундарното земјоделско производство, трговијата, градежништвото добиваат можност за финансиска поддршка за реализација на продуктивни инвестиции. Со овие измени унапредување се направи и во делот на поедноставување на административните процедури кои се потребни за користење на некоја од мерките содржани во законот, истакнала Апостолска и нагласила дека Владата останува и натаму отворена за дијалог со деловната заедница, а со цел понатамошно засилување на активностите во реалната економија.

Министерката Апостолска ги повикала стопанствениците од Стопанската комора на Македонија од овој регион да не се воздржуваат од реализација на своите бизнис планови и да ги искористат проширените можностите за финансиска поддршка кои се отворија пред деловната заедница со измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Треба да знаете
Последни објави