На 18 септември продолжува судењето за предметот „Монструм” на СЈО за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година. Судијата Огнен Ставрев денеска прочита дел од материјалните докази, а поради состојбата со Специјалното обвинителство, за која рече дека се надева за неколку дена да биде јасна, за наредното рочиште најави дека ќе се слушаат разговорите од „бомбите”. До 18 септември, според Ставрев, ќе бидат прочистени и вулгарностите во снимките кои ќе бидат пуштени на судењето.
Адвокатот на дел од обвинетите Насер Рауфи во изјава за медиумите рече дека причината за одложувањето на слушањето на „бомбите” е тоа што специјалната обвинителка Катица Јанева ги овласити специјалните обвинители со полномошно сите докази од СЈО да бидат предадени на ЈО.
-Тој временски интервал е од три дена, а денеска е прв дена и оправдано е од страна на судскиот совет да се причекаат тие денови да поминат да видиме дали воопшто ќе се реализира тоа. При ваква работа кога не се знае каков ќе биде исходот, сметам дека не беше целисходно да се започне со прислушуваните разговори, ако притоа се има предвид дека се работи за 38.000 такви разговори, истакна Рауфи.
Застапник на обвинението за петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, го води СЈО. Во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм” го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.