Николас Абот нов британски амбасадор во Косово

Амбасадата на Обединетото Кралство во Косово објави денеска дека новиот амбасадор, Николас Абот, му го предал претпладнево акредитивното писмо на косовскиот претседател Хашим Тачи, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што наведува амбасадата на својата официјална страница на Фејсбук, новиот амбасадор изјавил дека ќе ја продолжи работата на негоиот претходник, Руаири О’Конел во поддршка на борбата против корупцијата и непотизмот.

– По церемонијата, г. Абот изјави: Среќен сум што го предадов моето акредитивно писмо на претседателот Тачи. Обединетото Кралство и Косово имаат длабоки врски на пријателство и соработка, создадени во најтешките времиња. Со нетрпение чекам да ги зајакнам односите со народот на Косово и да ја продолжам работата на моите претходници за да помогнам во реформирањето и модернизирањето на институциите и демократијата на Косово и да ги охрабрам и поддржам тие кои се внатре во системот и кои се борат против корупцијата и непотизмот, се вели во соопштението на британската амбасада.

Велика Британија е првата земја која воспостави дипломатски односи откако Косово во 2008 година прогласи независност. Николас Абот е петти амбасадор на Обединетото Кралство во Косово.

Треба да знаете
Последни објави