Помладиот брат на британскиот премиер Борис Џонсон, Џо Џонсон, денеска поднесе оставка како министер во британската влада, најавувајќи дека исто така ќе се повлече и од пратеничката функција поради конфликт меѓу семејната лојалност и националниот интерес.
„Чест ми беше што работев како министер во три влади. Последниве неколку недели бев растргнат меѓу лојалноста кон семејството и националниот интерес. Време е други да ја преземат мојата улога како пратеник“, рече помладиот од браќата Џонсон.
Неговата оставка доаѓа само еден ден откако Борис Џонсон избрка 21 член од конзервативната партија, бидејќи тие не ја поддржаа неговата стратегија за брегзит, пренесува „Ројтерс“.
Џо Џонсон претходно даде поддршка за нов референдум, но го прифати местото министер за образование во британската влада кога неговиот брат беше избран за премиер.
Засега е нејасно дали тој веднаш ќе си даде оставка и од пратеничката функција или ќе почека нови избори.