Министерот за локална самоуправа Горан Милевски и градоначалниците на општините од Вардарскиот плански регион денеска во Велес го потпишаа договорот за финансирање на оперативните функции на Центарот за развој на планскиот регион за тековната година.
-Ни претстои динамичен период на доуредување на нормативната рамка за рамномерен регионален развој, но исто така треба да донесеме и многу сериозни одлуки за продолжување и заокружување на процесот на децентрализација. Тоа ќе значи трансфер на нови надлежности но исто толку е важно да се обезбеди и соодветен трансфер на финансиски средства. Општините треба да бидат функционални, финансиски оддржливи, помалку зависни од централната власт, но поодговорни кон граѓаните во обезбедувањето на услугите, рече министерот Милевски.
Милевски ги информираше градоначалниците дека Министерството за локална самоуправа ги започна активностите на експертско ниво за подготовка на измените на Законот за рамномерен регионален развој.
-Го отворивме Законот за рамномерен регионален развој. На неговите предлог измени веќе работа луѓе од министерството, ЗЕЛС, експерти, а имаше и двајца претставници и од Центрите, од Источниот и од Југоисточниот плански регион.
На почетокот идејата беше само да се направи подобрување на текстот и да се обезбеди законско решение за информатичкиот систем за следење на буџетските алокации кон планските региони, што се подготвува во рамките на проектот за Рамномерен и инклузивен регионален развој, поддржан од швајцарската Влада.
Во тој процес се појавија дилеми по повеќе прашања. Клучно е прашањето за буџетското финансирање и што точно значи законската одредба за 1% од БДП. Дали се тоа средства што треба да се имплементираат само преку Министерството за локална самоуправа, како носител на политиката за рамномерен регионален развој или пак и преку другите ресорни министерства. Но, прашањето е како во тој случај да се вгради принципот на рамномерност, затоа што засега само Министерството за локална самоуправа води сметка за рамномерноста при распределбата на буџетските средства. Секогаш кога се пари во прашање, темата бара пошироки консултации и во рамките на Националниот совет
Во наредните денови договори за финансирање ќе бидат потпишани со сите Центри за развој на планските региони за да не се доведе во прашање нивното тековно работење.
Согласно Законот за рамномерен регионален развој, Министерството за локална самоуправа, на годишно ниво, го кофинансира работењето на сите осум Центри за развој на планските региони во висина од 1,2 милиони денари за активности и уште 1,2 милиони денари за имплементација на проектите за регионален развој.