Интензивно се работи по наредби на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција за целосно расчистување на случајот „Рекет”. Тоа е многу важно и за државата и тоа покажува дека институциите имаат сериозен капацитет. Ниту во овој случај, ниту во кој било друг случај, нема можност за заштита на било кој, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за МИА.
Посочува дека се преземаат низа активности што треба да дадат одговор на сите прашања во истрагата, но оти не може да се споделуваат повеќе информации бидејќи истрагата е во тек.
– Меѓутоа, едно треба да бидеме сигурни и воедно ја убедувам јавноста дека докрај ќе се расчисти тој случај и дека без разлика кој има учесник во таков случај – дали е политичка личност, дали е која било јавна личност или е обичен граѓанин, а кој учествувал во вакви активности, докрај ќе биде санкциониран, изведен пред лицето на правдата, нагласува Спасовски.
Смета дека „Рекет” треба да биде уште поголем мотив до ЈО и до судовите конечно да застанат во заштита на интересите на државата и дополнителен мотив до граѓаните да пријавуваат вакви случаи.
– Ако до пред две години сите заедно се боревме против авторитарен режим, да ја вратиме слободата, демократијата, да ја вратиме слободата на говорот на изразувањето, денеска веќе не можеме да разговараме на таа тема заради тоа што сето тоа го имаме во пракса во Македонија. Меѓутоа, сега е моментот за ефикасна, ефективна и неселективна многу силна борба против криминалот и корупцијата. Сега е дојден моментот да се обединиме сите, и граѓаните и институциите, и да го победиме криминалот и криминалните структури во државата.
Во интервјуто за МИА што наскоро ќе го објавиме во целост заедно со видео материјалот од разговорот, министерот Спасовски говори и за ветингот што треба да биде спроведен во Министерството за внатрешни работи, а дава оценка и за безбедносната состојба во државата.