Еден маж беше уапсен под сомнение дека му продал дрога на Мек Милер пред неговата смрт. Раперот почина минатата година во септември откако се предозира.
Според обвинителството во Лос Анџелес, Мек Милер мислел дека купува лек против болки – оксикодон, но подоцна се открило дека лекот бил измешан со фентанил, супстанца која има 50 пати посилно дејство од хероин.
Камерон Џејмс Петит, кој има 28 години беше уапсен во Лос Анџелес под сомение за продажба на недозволени супстанци.
Раперот Мек Милер, чие вистинско име беше Малком Мекормик имаше 26 години кога почина. Вештакот кој беше назначен за аутопсијата во неговото тело пронашол фентанил, кокаин и алкохол поради што извел заклучок дека раперот случајно се предозирал.
Според истражителите, дел од доказите против Камерон Џејмс Петит се смс-пораките кои тој ги испратил откако е пронајдено телото.
„Ќе скапам во затвор,“ напишал тој во една порака до пријател.
Ројтерс пренесува дека Петит се присуствувал на сослушување на суд, а во моментов е во притвор до судењето. Доколку биде осуден, Петит ќе добие затворска казна во времетраење од 20 години.
Мек Милер отсекогаш бил отворен за борбата со зависностите – а беше и уапсен за возење под дејство на алкохол.
Болестите на зависност се главна тема на неговиот последен албум Swimming кој освои номинација за „Греми“ награда по неговата смрт.
Покрај зависноста од дрога и алкохол, Мек Милер во тој период ја прекина својата долга врска со поп-пејачката Аријана Гранде. Двојката се запозна во 2012 година, а во 2017 тие заедно настапуваа на хуманитарниот концерт One Love Manchester.
На почетокот од оваа година, во интервју со „Вог“ Аријана Гранде изјави дека Мек Милер бил најдобрата личност која таа ја познава.
„Не знаете колку пати го предупредував што може да се случи и се борев против тоа, со години,“ додава Гранде.
Низ својата кариера Мек Милер соработуваше со некои од најеминентните имиња како Кендрик Ламар и Фарел Вилијамс.
Неговиот прв „микстејп“ го издаде на само 15 години под името Изи Мек, но договорот со дискографска куќа го доби во 2010 по изданието на вториот „микстејп“ наречен KIDS.