Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска изврши увид во градежните активности за изградба на нова водоводна мрежа во касарната „Јане Сандански” во Штип. По повеќе од една деценија, кога прв пат се алармирало за потребата од реконструкција на водоводната мрежа и не било преземено ништо, касарната ќе добие нов водовод. Министерката изјави дека очекува до почетокот на 2020 година работите на новиот водовод да бидат завршени.
„Денес имав шанса да погледнам и еден од проектите кои што ги спроведуваме за да ги подобриме условите за работа. После долги години успеваме да решиме еден проблем во касарната во Штип, а тоа е проблемот со водоснабдување. Јас очекувам дека некаде до почетокот на 2020 година, да обезбедиме и санитетска и вода за пиење за сите припадници на Армијата во касарната во Штип. Така и ќе продолжиме. Во работа се повеќе од 20 инфраструктурни проекти. Следната година очекуваме посериозни зафати каде што ќе реновираме целосни згради од касарните низ цела држава. Ова покажува дека и ние како министерство сме дел од владината програма да градиме по план. Ако градиме по план тоа значи дека мора да ги решаваме суштинските проблеми: вода, основна инфраструктура и основни потреби за војската. Така ќе продолжиме и понатаму бидејќи членството во НАТО го гледаме и како голема одговорност на сите нас за Армијата.” – рече Шекеринска.
Шекеринска додаде дека членството во НАТО е важно, што значи дека Армијата треба да ја добие потребната поддршка. Токму затоа изминативе две години се зголемува буџетот за одбраната, се зголемуваат платите за припадниците на Армијата и континуирано се работи на подобрување на условите за припадниците на Армијата.