Стратешката цел на Грција е да ги надгради билатералните односи со Велика Британија и по Брегзит, рече алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис за време на состанокот одржан во грчкото МНР со претставници на бизнис организациите и здруженијата за претстојниот Брегзит, на кој присуствуваше и заменикот министер надлежен за економска дипломатија, Костас Франкојанис.
Целта на состанокот, како што соопштуваат од грчкото МНР, беше да продолжи дијалогот инициран од Министерството за надворешни работи во врска со претстојното заминување на Велика Британија од ЕУ и да се овозможи инволвираните страни да ги достават нивните прашања и предлози за поефикасно управување со Брегзит, без разлика дали ќе биде со или без договор, jави дописничката на МИА од Атина.
Варвициотис, откако ги презентираше последиците како на европско, така и на билатерално ниво, ја истакна подготвеноста на грчката страна за успешно справување со новите услови благодарение на интегрираниот стратешки план подготвен од Министерството за надворешни работи во соработка со засегнатите страни.
-Независно кои ќе бидат политичките случувања во Велика Британија, Грција мора да се подготвува за Брегзит без договор. Ова значи дека треба да бидеме во постојана комуникација со сите производители за да одговориме на сите нивни прашања и да го подготвиме грчкиот државен механизам на најдобар можен начин доколку Велика Британија ја напушти ЕУ на 31 октомври без договор што ќе ги регулира нашите трговските односи, движењето на стоките, движењето на граѓаните, образовните, медицинските или било кои други размени што треба да се случат, рече Варвициотис по состанокот и додаде дека се работи напорно за Грција да биде една од земјите што ден по напуштањето, нема да има полоши билатерални односи со Велика Британија.
-Во Министерството за надворешни работи ги собравме претставниците на бизнис заедницата која може да биде засегната од Брегзит, без разлика дали ќе биде со договор или без. Ние во Министерството за надворешни работи и како единица на економската дипломатија, рече заменикот МНР на Грција, одговорен за економска дипломатија, Костас Франкојанис.
На состанокот одржан во Министерството за надворешни работи на Грција присуствуваа претставници на Здружението на бизниси и индустрии, на Конфедерацијата на работници, на Здружение на грчки туристички претпријатија, Здружението на извозници, од Сојузот на грчки бродосопственици, Централниот сојуз на комори, од Конфедерацијата за трговија и претприемништво итн.