Сакеларидис: Претходната влада носи огромни одговорности за денешната ситуација во бегалското прашање

Ситуацијата во бегалското прашање е многу сериозна и е потребна смиреноста, соработка со останатите земји и посветеност на принципите на меѓународното хуманитарно и бегалско право, вели раководителот на грчкиот оддел на „Амнести Интернешнл”, Гаврил Сакеларидис во интервјуто за информативниот портал „Њупост” и додава дека „секое управување што ги игнорира човековите права е осудено на неуспех и влошување на ситуацијата”.

Сакеларидис, кој во минатото беше владин портпарол додека СИРИЗА имаше власт, упатува критики до претходната влада за начинот на кој го третираше бегалското/мигрантското прашање, но и до актуелната грчка власт велејќи дека реториката што ја користи „создава силна загриженост”, jави дописничката на МИА од Атина.

-Претходната влада носи огромни одговорности за денешната ситуација, кои не се бришат, независно од политиката што ќе ја следи сегашната влада. Бидејќи на ниво на политика се оценува според постапките и резултати, а не според нашата реторика и нашите желби, вели Сакеларидис, а како пример ги споменува ужасните услови во прифатните центри на островите, обвинувањата за насилни враќања во Еврос, неизвесност за продолжување на програмата за домување.

Раководителот на грчкиот оддел на „Амнести Интернешнл”, во интервјуто говори и за ситуацијата во прифатните центри на грчките острови, коментира дека во кампот Морија на Лезбос, има над 9000 лица во простор наменет за најмногу 3000, додека пак на Самос, вели, ситуацијата е уште подраматична со 5000 бегалци и мигранти да се сместени во центар со капацитет за 600 лица.

Вели дека тие, како „Амнести Интернешнл” вршат притисок како врз земјите членки на ЕУ, така и врз Европската Комисија за потребата да се направи ревизија на регулативата од Даблин за барателите на азил да можат да бидат рамномерно распоредени низ цела Европа.

-Бегалското прашање е реалност со која треба да научиме да живееме во Европа и во Грција и нема да се решени сè додека постојат основни причини што го туркаат народот во бегство, вели ρаководителот на грчкиот оддел на „Амнести Интернешнл” за „Њупост”.

Гаврил Сакеларидис, беше портпарол на владата на СИРИЗА во периодот од јануари до јули 2015, беше и пратеник сѐ до ноември истата година кога си поднесе оставка и се повлече од политиката, а неколку години претходно и кандидат за градоначалник од сега веќе опозициската грчка партија.

Треба да знаете
Последни објави