АХВ: Граѓаните да не го посетуваат ресторанот „МИР” во Прилеп зашто не ги исполнува хигиенските услови

Иако Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) поради неисполнување на основните хигиенски услови двапати го затвора ресторанот „МИР” во Прилеп кој е лоциран на вештачко езеро, објектот е повторно отворен, без нејзино одобрение. Поради тоа, АХВ апелира граѓаните да не го посетуваат или ако тоа го прават, да знаат дека е на нивен сопствен ризик.

Како што велат од АХВ за МИА, не е приклучен на градската водоводна мрежа поради што не може да обезбеди хигиенски исправна и безбедна вода.

-На правното лице му е изречена мерката забрана за работа до исполнување на сите услови согласно законот за безбедност на храна. Даден е и прекршочен платен налог за правното лице во износ од 1.250 евра, како и 375  евра за одговорното лице. При повторен контролен надзор со цел проверка на спроведувањето на наведените мерки, ресторанот „МИР” повторно бил отворен и вршел дејност за што уште еднаш му е изречена глоба поради непочитувањето на инспекторското решение, а ставена му е и лента со ознака „затворено од АХВ”. И покрај тоа, констатирано е дека лентата е отстранета и ресторанот е повторно отворен. Поради тоа ги известуваме сите идни посетители на овој објект, дека тој не е регистиран и не е под контрола на АХВ, а конзумирањето храна и пијалоци е на нивен сопствен ризик, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Треба да знаете
Последни објави