Кина ќе стави крај на хаосот во Хонгконг во согласност со законот, изјави кинескиот премиер Ли Кеќанг за време на средбата со германската канцеларка Ангела Меркел, која е во тридневна посета на Кина.
Ли, кој за прв пат ги коментираше немирите во Хонгконг, рече дека Кина има мудрост да го реши проблемот со закон.
Во последните неколку недели се појави загриженост дека Пекинг би можел да испрати армија на барање на владата во посебниот административен кинески регион, со цел да ги задуши протестите во тој полуавтономен град.
Меркел рече дека го поздравува потегот на Хонгконг за официјално повлекување на контроверзниот закон за екстрадиција во Кина, поради кој пред три месеци започнаа масовните протести.
„Сега се надевам дека демонстрантите ќе се вклучат во дијалог“, рече канцеларката.
Лидерите на протестното движење во Хонгконг побараа средба со Меркел, но портпаролот рече дека таков состанок не е планиран.
Меркел и Ли потпишаа вкупно 11 договори за соработка во области како што се авијацијата, чистата енергија, финансиите и образованието. Нејзината посета главно е фокусирана на трговијата.
Меркел рече дека се надева оти трговската војна меѓу САД и Кина, кој влијае и на другите земји, наскоро ќе биде решена.