Кристијан Кожески
Минималната плата не е цел сама за себе, таа треба да е во функција на намалување на нееднаквоста во распределбата на доходот, намалување на сиромаштијата, а пред сѐ овозможување подобар животен стандард на работниците што примаат минимална плата, и нивните семејства.
Ова може да се потврди со фактот дека согласно проценките од Меѓународната организација на трудот дека 92% од земјите имаат воспоставено систем на минимална плата. При утврдувањето на нивото на минималната плата треба да биде користен балансираниот пристап, т.е треба да постои силен социјален дијалог помеѓу претставниците на работниците (синдикатите ), владата и работодавачите. Сепак со оглед на тоа дека се работи за цена на трудот, минималната плата треба да овозможи ефинасна заштита на работниците и нивните семејства од една страна, како и непречено функционирање на ефикасни и одржливи претпријатија од друга страна потребно е да бидат консултирани и објективни критериуми врз основа на кои ќе се формира минималната плата.
Од друга страна, пак, погрешната поставеност на системот на минимална плата, може да ја загрози благосостојбата на работниците, да предизвика негативни ефекти врз ефикасноста на фирмите, и да влијае врз нерационалното зголемување на платите над минималната плата.
Зголемувањето на законската минимална плата на 12 000 денари во нето износ влијаеше врз зголемување на опфатот на работниците кои примаат минимална плата. Бројот на работници кои примаа минимална плата се движи околу 130 000 работници, односно околу 20% од вкупно вработените. Во оваа насока треба да се потенцира дека не постои оптимален обем на вработени кои што би требало да бидат опфатени со минималната плата. Оптималниот обем ќе се утврди со социјален дијалог и детална анализа на целокупното влијание што го има минималната плата, пред сѐ врз вкупната маса на плати, вработеноста и останатите економски детерминанти.
Последните предлог мерки за субвенционирањето на придонесите за пензиско и здравствено осигурување со цел понатамошен раст на платите. Претходните мерки за зголемување на законската минимална плата придонесуваат за зголемен притисок за дополнително зголемување на платите на дел од јавниот сектор.
Во оваа насока иако de jure минималната плата нема влијание врз промената на платите во јавниот сектор, de facto минималната плата служи како база за корекција на платите на вработените во јавниот сектор. Ваквиот т.н домино ефект или ефект на прелевање вообичаено е посилен кај платите што се поблиску до минималецот, и треба прогресивно да исчезнува кај работниците што примаат повисоки плати. Во овој контекст важно е да се потенцира дека зголемувањето на нивото на платите во јавниот сектор ќе предизвика зголемување на вкупната маса на плати, што ќе резултира со значително зголемување врз јавното трошење.
Иако ваквите мерки се атрактивни и го привлекуваат вниманието на јавноста, дури може да имаат и краткорочен позитивен ефект, на долг рок предизвикуваат неодржливи зголемени трошења во јавните финансии.
Зголемувањето на платите треба да биде етапно и да биде следено од зголемувањето на продуктивноста на трудот во спротивно ќе резултира со зголемен инфлациски притисок и несакани колатерални ефекти врз владините финансии.