Министерот за образование и наука Арбер Адеми денеска соопшти дека се во редовна комуникација со Синдикатот за образование, наука и култура – СОНК и оти следната недела ќе продолжат преговорите за подобрување на материјалниот статус на сите вработени во образованието.
– Пак ќе повторам, ние сме во редовна комуникација со еден од нашите најголеми партнери, Синдикатот за образование, наука и култура – СОНК. Тие преговори ќе продолжат. Во вторникот помина ребалансот на буџетот на Влада и од следната недела пак ќе продлжиме со преговорите за изнаоѓање решение за подобрување на материјалниот статус на сите вработени во основните и средните училишта или во дејноста образование, изјави министерот Адеми по посетата на СУГС „Цветан Димов” во Општина Чаир, кое има нова фасада.
Одговарајќи на новинарско прашање, Адеми рече дека како Влада има волја за ова прашање. Потсети дека имаше пет отсто зголемување на платите во 2018 година и исто толку во 2019 година. Смета дека сите вработени во образованието заслужуваат повеќе и, како што рече, правиме повеќе.
– Во 2019 во споредба со 2017 година над 1,3 милијарди денари има повеќе за основното и средното образование. Овие средства се наменети и за повисоки плати, но и за единиците на локалната самоуправа, за Град Скопје и за други капитални инвестиции кои гледаме дека градоначалниците, општините работат и треба да се следи овој пример и следниот период, напомена Адеми.
Прашан за дистрибуцијата на учебниците, Адеми информира дека изутринава добил информација оти тие се дистрибуираат во сите училишта, особено за најмалите, од прво до трето одделение.
– Речиси секаде се дистрибуирани, а дистрибуцијата на учебниците продолжува и овие денови. Треба да направиме една мала дистинкција, учебници за кои ексклузивното право го имаат издавачките куќи и за тоа воопшто немаме проблем, како и секоја година. И учебниците за кои Министерството за образование и наука го има ексклузивното право над нив, или веќе се пренесени авторските права кај нас. Од 2014 или 2015 година немаше успех тендерот иако се повторуваше во повеќе наврати, на повисоки инстанци. Тој тендер пропаѓаше и сега сме во процес на евалуација, рече Адеми. Очекува дека за брзо време ќе има електронска аукција, ќе се определи оператор и пак ќе се дистрибуираат по долги години учебниците кои се во употреба.
На новинарско прашање дека студентите се жалат што патуваат од своите домови во тек на испитна сесија и се уште не се сместени во студентските домови, ја нема конечната листа, министерот Адеми рече дека ги чекаат информациите од сите институции од кои е неопходно да добијат податоци за да се финализира таа листа за сместување на студентите по одделни студентски домови.
– Ги чекаме. Со сите тие институции и денеска сме комуницирале. Ако има потреба ќе работиме и во сабота и недела само час поскоро таа листа да биде објавена и сите студенти да бидат информирани. Пред почетокот на академската година таа листа ќе ја имаме, но јас верувам поскоро, овие денови, откако ќе ги добиеме податоците, рече Адеми.
Училиштето покрај министерот Адеми го посетија и скопскиот градоначалник Петре Шилегов и градоначалникот на Чаир Висар Ганиу.