Милевски:  Со регулирање на речното корито на Црна штетите се сведуваат на минимум

Свртени сме кон потребите на граѓаните и решавање на нивните проблеми, а регулирањето на речното корито на реката Црна и на нејзините притоки е од голема важност за жителите на пелагонискиот регион, истакна министерот за локална самоуправа Горан Милевски за време на денешната посета на пелагониското село Гермијан придружуван од градоначалникот на општина Новаци, Љубе Кузмановски и директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион со седиште во Битола Гого Видимче. Министерот Милевски изврши увид на завршните работи на објект што врши заштита од поплави во тамошното село.

-Им помагаме на жителите од пелагониските општини и посебно на земјоделците кои имаат огромни проблеми при излевањето на водите кои ги уништуваат и нивните посеви. Инвестирајќи во вакви проекти ризиците од поплави се сведуваат на минимум, а со тоа и штетите што беа врз индивидуалните земјоделски производители. Наша цел на Владата и на Министерството за локална самоуправе е да инвестираме и да градиме со план таму каде што постојат реални потреби за населението, наместо да санираме штети ние ги превенираме работите со цел да ги заштитиме граѓаните. Втората фаза од проектот за регулирање на речните корита на притоките на реката Црна во минатата година од Министерството за локална самоуправа беше поддржана со 3,4 милиони денари и тогаш беше регулирано коритото на реката Шемница, а оваа година регулиран е поројот во селото Гермијан кој често ги поплавува куќите, земјоделските површини и земјоделските производи во ова село. Затоа издвоивме 6 милиони 850 илјади денари, истакна министерот Милевски.

Министерството за локална самоуправа во 2019 година финансира над 100 проекти во осумте плански региони низ државата чија вкупна вредност е над 7 милиони евра.

-На општините им е потребна поддршка за реализација на поголеми инфраструктурни зафати, а со очекуваните измени во Законот за рамномерен регионален развој средствата ќе се зголемат, а со тоа и соодветната поддршка на општините. Министерството за локална самоуправа ги поддржува ваквите поректи и ќе продолжи со тенденцијата на заедничка реализација на суштински проекти што ги подобруваат условите за живеење на територијата на цела држава. Нам особено ни е важна поддршката на помалите и на руралните општини и населените места и токму затоа во соработка со општините и центрите за локален развој ќе продолжиме да ги решаваме приоритетните проблеми, нагласи Милевски.

На средбата со новинарите градоначалникот на општина Новаци, Љубе Кузмановски ја најави и третата фаза од изградбата на поројот во селото Гермијан.

-Првата фаза од овој проект ја завршивме минатата година кога беше изграден поројот во должина од 900 метри. Денес заврши втората, а очекуваме да продолжиме со изградба на поројот во третата фаза кога треба да се доизградат уште 300 метри. На тој начин со завршување на овој проект во целост ги решавме проблемите на жителите од селото Гермијан кои  често се соочуваа со поплави и штети врз земјоделството, земјоделските површини предизвикани од локален дожд, истакна Кузмановски.

Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион во моментов реализира седум проекти кои се поддржани од Министерството за локална самоуправа чија вредност изнесува 34 милиони денари информираше Гогоо Видимче, директор на ЦРППР-Битола.

Треба да знаете
Последни објави