На градскиот стадион „Зоран Паунов – Паун” утре во Велес со почеток во 16 часот ќе се одигра пријателски натпревар помеѓу ФК Борец и суперлигашот Вождовац од Белград, Србија со што ќе се одбележи 100 годишнината од постоењето на фудбалскиот клуб Борец.
Овој клуб по 19 години натпреварување во пониските фудбалски рангови, оваа година се врати во Првата македонска фудбалска лига.
Растот на Борец започна пред три години со преземање на клубот од страна на компанија „Брако”, официјален сопственик на клубот и ангажирањето на врвниот тренер Горазд Михајлов.
Во најава на одбележувањето на јубилејот на ФК Борец, Кочо Анѓушев ко-сопственик на „Брако” и на клубот изјави:
– Најстариот клуб во нашата земја одбележува 100 години, решивме по овој повод да организираме пријателски натпревар со Вождовац од Белград, екипа во која неодамна премина и играчот од редовите на Борец, Марко Горгиевски. Очекувам како и досега полни триби. Задоволство ми е што ги вративме навивачите на трибините. Очекувам навивачите да уживаат во фудбалот и сите заедно да го одбележиме овој значаен јубилеј на ФК Борец и на градот Велес.
Фудбалскиот клуб Борец е основан во 1919 година во Велес е еден од најстарите спортски колективи во државата.