По повод Денот на независноста 8 Септември, порака со честитки до претседателот Стево Пендаровски и до македонските граѓани упати претседателот на Франција, Емануел Макрон.
Во честитката францускиот претседател пишува дека годината ја обележа стапувањето во сила на Преспанскиот договор како и потпишувањето на протоколот за приклучување на нашата земја во НАТО и дека Предлог-законот кој ќе овозможи негова ратификација е веќе доставен до Француското собрание и тоа треба набргу да се произнесе.
– Сакам да ги поздравам овие значајни постигнувања со кои се унапредуваат стабилноста и развојот на Северна Македонија и на регионот на Балканот. Франција ја поддржува европската перспектива на Вашата земја и на сите други од Западен Балкан. Посакувам Европската Унија што побрзо да ги прецизира начините за да ѝ овозможи на оваа перспектива да биде дел од неопходната реформа за функционирањето на Европската Унија, за да може да ја гарантира нашата стабилност и нашата заедничка иднина, пишува во честитката на Макрон.
Додава дека посакал Франција да го зголеми својот конкретен ангажман на државно ниво во полза на стабилноста и на развојот на земјите од Западен Балкан изготвувајќи национална стратегија за регионот.
-Стратегијата предвидува зајакнување на нашите политички контакти и на билатералната соработка во четири области: економски и социјален развој, безбедност, правда и одбрана. Што се однесува до економскиот и социјален развој, посакувам што побрзо да се потпише договорот меѓу нашите две земји со кои се дефинираат условите за делување на Француската агенција за развој во Северна Македонија, наведува францускиот претседател Макрон до претседателот Пендаровски.