Шведскиот ланец за трговија со облека, Hennes & Mauritz (H&M) објави дека се откажува од купувањето кожа од Бразил поради загриженост за животната средина предизвикана од големите пожари во амазонската прашума.
„Поради страшните пожари во бразилскиот дел од амазонската дождовна шума и нивната поврзаност со сточарското производство, решивме привремено да го забраниме купувањето на кожа од Бразил“, велат од шведската компанија.
Тие додаваат дека забраната ќе остане на сила се додека не добијат веродостојни гаранции дека производството на кожа не претставува закана за животната средина во Бразил.
Портпаролот на H&M посочи дека компанијата набавува поголем дел од потребната кожа во Европа, тврдејќи дека забраната ќе влијае врз нивниот бизнис само во ограничен степен.
Во Бразил моментно се активни пожари какви не се забележани во последните неколку години. Од почетокот на годинава се регистрирани повеќе од 75.000 пожари во овој зелен појас на планетата, што е за 85 проценти повеќе отколку во истиот период лани, пренесува ДПА.
Критичарите го обвинуваат десничарскиот бразилски претседател Жаир Болсонар, кој е скептик во однос на климатските промени, дека не вложува доволно напори за гаснење на пожарите.