Велика Британија треба да го одложи Брегзит за период по 31 октомври, наместо да ја напушти ЕУ без договор, што претставува огромна закана за големите производители на автомобили, изјави денеска директорот на британското Здружение на производители на моторни возила и трговци (СММТ).
– Напуштањето без договор би бил најлош исход. Ако е потребно уште неколку месеци за постигнување на тој договор, мислам дека индустријата тоа ќе го издржи, изјави Мајк Хоус, директор на СММТ.
Податоците кои Здружението ги објави во јули покажуваат дека инвестициите во британскиот автомобилски сектор се намалиле за повеќе од 70 отсто во првата половина од тековната година, достигнувајќи 90 милиони фунти (111 милиони долари).
Автомобилската индустрија, која е најголем британски извозник, беше еден од најгласните противници на Брегзит без договор, и многупати предупредуваше дека производството ќе биде погодено од тарифи, доцнења на границите и нова бирократија, уништувајќи ја на тој начин одржливоста на многу фабрики.