Неделава започна со работа основното училиште во Капиштец кое како капитален проект се интегрираше во развојната програма за Општина Центар уште во времето кога ВМРО-ДПМНЕ раководеше со општината, изјави Антоанета Трајковска од опозициската партија.
-ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува оваа идеја и секогаш ќе се залага за интересите на граѓаните, но градоначалникот Богдановиќ и одговорните во општината требаат да одговорат на неколку прашања за кои јавноста треба да биде запознаена.
– Од каде е обезбеден кадарот за новото училиште?
– Дали најдобриот наставен кадар од сите основни училишта во општината е пренесен не по сопствена волја во новото училиште?
– Дали отворањето на новото училиште е на сметка на укинувањето на целодневната настава за децата од петто одделение во три училишта во општината?
– Би сакале да прашаме во кои простории ќе учат петтоодделенците од ОУ „Коле Неделковски”, прашува Трајковска?
Според неа, за нефункционалноста и неодговорноста на надлежните во општината, говори и фактот дека додека едно училиште се гради – другите скапуваат или се надеваат на донации за нешто да се поправи или да се реконструира.
Апсурдот да биде поголем е што Општина Центар е една од најбогатата општини во државата. Сликата во основните школи е следна: нефункционални спортски сали, нефункционални тоалети, глодари по ходниците, нехигиена и немање на основни услови за функционирање на наставата. Во некои училишта во кои на почетокот на учебната година започнати се и градежни активности па децата се гушат во прашина.
Кога Богдановиќ и секторот за образование ќе почнат да мислат на квалитетот на образованието на децата? Како се чувствуваат што децата со посебни потреби останаа без своите асистенти, дали мирно спијат знаејќи во какви услови учат децата? До кога ќе работите на штета на најбитната категорија во општеството, а тоа се нашите деца? Наместо да ги водите напред, колку ли назад ги водите, рече Трајковска.