Екипите на Град Скопје вчеравечер ја почнаа првата фаза од реконструкцијата на улицата Благоја Стефковски, во општината Гази Баба, на потегот од крстосницата кај улиците 15.Корпус и Методија Андонов – Ченто до крстосницата со улицата Петре Филиповски – Гарката и свртувањето кон улицата Перо Наков и Металски Завод – Тито. Увид во градежните работи на оваа делница извршија градоначалникот Петре Шилегов, премиерот Зоран Заев и градоначалникот на општина Гази Баба, Борче Георгиевски.
– Во првата фаза од реконструкцијата, една од најважните улици во Гази Баба ќе се обнови на должина од 870 метри. Реконструкцијата на овој дел од улицата Благоја Стефковски ќе се искористи и за замена на дел од старата подземна инфраструктура со нова, онаму каде што има потреба, со цел да се избегне прекопувањето на новиот асфалт по завршувањето на реконструкцијата. По завршувањето на првата фаза од реконструкцијата, ќе се изгради велосипедска и пешачка патека од едната страна во вкупна ширина од 4,5 метри. Очекувам наредната година кога ќе почне реконструкцијата на булеварот „Александар Македонски“ да го споиме овој дел од градот со велосипедска патека со остатокот од градот. Вкупната инвестиција ќе биде 16 милиони денари, а треба да биде готова за 60 дена – рече градоначалникот Шилегов.
– Вечерва сме на увид на работата на уште една многу важна сообраќајница во Град Скопје во Општина Гази Баба за да се запознаеме со текот на реконструкцијата на улицата „Благоја Стефковски“, главната улица која поминува низ населбата Маџари и која ги поврзува Гази Баба и општините Илинден и Петровец. Она што ја прави уште позначајна оваа градска сообраќајница е што ја обезбедува сообраќајната врска и комуникација на огромен број стопански субјекти и компании во овие три општини кои формираат една од најдинамичните индустриски зони во градот – рече премиерот Заев.
Тој ја поздрави праксата на Град Скопје реконструкциите на улиците да се вршат во текот на ноќта со цел, како што рече, колку што е можно да се скрати времетраењето на самата реконструкција и на тој начин да се избегне непотребниот сообраќаен метеж кој настанува со целосното или делумно затворање на улиците и потенцираше дека примерот на Град Скопје треба да биде инспирација за сите други општини во државата целосно да им излезат во пресрет на потребите на граѓаните за изградба и за одржување на модерни сообраќајни решенија.
Шилегов упати апел до граѓаните да покажат разбирање додека траат градежните работи на оваа улица и на дневна основа да ги следат информациите за воведување привремен режим на сообраќај, што ги објавува Град Скопје.