Северна Македонија утре одбележува 28 години од независноста откако по спроведениот референдум во 1991 година македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.
Одбележувањето ќе започне денеска попладне кога од касарната „Илинден” ќе бидат испалени 10 плотуни од страна на единицата на артилерискиот баталјон на Армијата.
Под мотото „Боите на независноста” утре кај Школка во Градскиот парк ќе се одржи прослава организирана од страна на Владата. Најавено е обраќање на премиерот Зоран Заев.
Во рамки на прославата ќе има богата културно-уметничка и забавна програма. Ќе настапат Петко и „Пет плус”, групата „Ај кју”, Виолета Томовска, Елита Зибери и диџејот Драган Б. Костиќ.
Граѓаните ќе уживаат во традиционалната храна, ќе учествуваат во спортски активности и ќе имаат можност да ја видат изложбата подготвена од деца од малите групни домови. На посебен штанд на Министерството за здравство, ќе можат да измерат крвен притисок и да извршат очен преглед. Припадниците на Министерството за внатрешни работи и на Армијата ќе изведат показни вежби.
Одбележувањето на 8 Септември – Денот на независноста ќе почне со положување цвеќе на партизанските гробишта во Бутел и на вечните почивалишта на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски и на поранешниот претседател Киро Глигоров.
Низ 28-годишното самостојно опстојување, државата помина низ низа проблеми и тешкотии. Трицифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели – зацврстување на демократијата, економски развој и интеграција во евроатлантските структури. И политичката криза последните години предизвика застој во процесот на евроинтеграциите, но беше надмината со Договорот од Пржино, декемвриските парламентарни избори и формирањето на ново владејачко мнозинство.
Долги години имаше и нерешен спор со Грција поради името. Разговорите почнаа под покровителство на Обединетите нации за конечно по повеќедецениски преговори, минатата година на 17 јуни во Преспа во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас да биде потпишан договор меѓу двете држави за решавање на спорот со името. Со тоа се отвори патот на државата кон ЕУ и НАТО. Земјата доби покана за членство во НАТО што ќе се заокружи со потпишување на протоколот од сите држави членки на Алијансата, а по годинашниот позитивен извештај на Европската комисија за напредокот на државата, очекувањата се дека во октомври ќе добие и датум за почеток на преговорите и со Европската унија.