Познат како „мајка на сите парламенти” и еден од најстарите во светот, британскиот Парламент во последните денови се претвори во центар на „мајката на сите битки”.
Новиот премиер Борис Џонсон отпушти 20 свои пратеници, побунетите пратеници ја презедоа контролата врз работата на Парламентот, повикот на Џонсон за предвремени општи избори беше отфрлен, а членовите на Домот на лордови се расправаа до доцна во ноќта во средата.
Светот гледаше како темелите на британската политика се разнишаа пред неговите очи.
Во вторникот, 1,5 милион луѓе на телевизискиот канал „Би-би-си парламент” гледаа како сојузот на побунети пратеници ѝ нанесува понижувачки удар на Владата на Велика Британија, преземајќи ја контролата врз агендата за брегзит и принудувајќи го премиерот Борис Џонсон да распише итни општи избори.
Тоа беше најбројната публика на каналот за еден ден, дури се натпреваруваше и со популарната – и, спротивно на парламентарната телевизија, многу смирувачка – емисија за готвење „Великобритански натпревар по печење”.
Многу Британци така беа распнати меѓу „недела на бисквити” или да гледаат како им се распаѓа Владата.
Оние кои го избраа Парламентот, беа сведоци на навистина неспоредлив спектакл. Џонсон го загуби првото гласање во својот мандат, што е момент без преседан во модерната ера. Членовите на неговата сопствена партија кои гласаа против него – вклучувајќи и личности како „таткото на Претставничкиот дом”, Кенет Кларк, кој во политиката е подолго отколку што некои пратеници имаат години, и внукот на Винстон Черчил, Николас Соумс – по кратка постапка беа исчистени од партијата на која ѝ ги посветија своите политички животи.
Соумс, на работ на плач, во средата рече дека „навистина е многу тажен што се завршило на овој начин” и ги повика пратениците „повторно да го откријат духот на компромисот, смиреноста и разбирањето”.
Збогувајќи се од Џонсон, тој рече дека секогаш ги поддржувал плановите на поранешната премиерка Тереза Меј за брегзит, „што е повеќе од што може да се каже за премиерот…, чија сериска нелојалност беше инспирација за многумина од нас”.
Кларк исто така „му спушти” на премиерот поради „нечесност”.
Драмата не заврши тука. Во својот прв час за одговарање на прашањата на пратениците како премиер, Џонсон економската политика на опозициската Лабуристичка партија ја нарече „срање”, а пратеникот со потекло од Индија, Танманџит Синг Деси, доби необично громогласен аплауз кога го обвини премиерот дека поттикнува расизам во Велика Британија.
Подоцна, британските законодавци на Џонсон му нанесоа уште еден неочекуван пораз, усвојувајќи предлог-закон во Претставничкиот дом на Парламентот кој има за цел спречување брегзит без договор.
Но драмата што се одвиваше во Парламентот не само што ги измести гледачите од нивните седишта туку отвори и сериозни прашања за стабилноста на едно од најстарите континуирани претставнички собранија на светот.
Процесот на брегзит го сврти вниманието кон деталите на британскиот устав, процедури, правила и колку тие се силни – или не. Распаѓањето на долгогодишните конвенции предизвика стравови од целосна уставна криза во земјата. Планот на Џонсон да го суспендира Парламентот посебно беше окарактеризиран како „уставен безобразлук” поради ограничувањето на времето кое пратениците го имаат за да дебатираат за брегзит.
Уставот на Велика Британија е непишан, што значи дека тој во голема мера се одржува преку систем на преседани, што наведе некои коментатори да се прашуваат дали тој сè уште е погоден за целта.
„Основното прашање кое брегзит ѝ го поставува на Велика Британија е дали нејзиниот некодифициран устав воопшто функционира”, рече Кетрин Хедон, соработничка во Институтот за влада, независен тинк-тенк со седиште во Лондон. „Други тврдат дека не е спорен Уставот, туку дека политиката пропаѓа”.
„Тоа ги доведува во прашање уставните конвенции за кои експертите сметаа дека се цврсти и својствени за нашиот владејачки систем, но сега се гледа дека политичките актери почнуваат да разговараат дури и за тоа дали да ги почитуваат или колку се обврзувачки”, додаде Хедон.
Сето тоа фрла сомнеж врз една од клучните пораки од кампањата за излез од Европската Унија: дека со ставањето крај на членството на Велика Британија во блокот, „ќе се врати суверенитетот” на британскиот Парламент.
Но во реалноста, Владата често е во судир со Парламентот, со опозицијата, дури и со сопствени пратеници. А таа затегнатост расте со доближувањето на 31 октомври, што засега е рокот до кој Велика Британија треба да ја напушти ЕУ.
Ако „заземањето” на Парламентот во средата од страна на повеќепартискиот сојуз на побунети пратеници е показател, повеќето членови на Домот сметаат дека Владата на Џонсон не покажува доволно почит кон таа институција.
Лабуристите, особено, се обидоа да соопштат дека Владата се обидува да ги спречи демократските практики. Владата, пак, тврдеше дека опозицијата се обидува да го спречи брегзит и, следствено, да ја изневери „волјата на народот”.
„Двете страни ги користат уставната пракса и парламентарните конвенции на нов начин кој некои го сметат за злоупотреба која довела до голема недоверба и непочитување”, рече Хедон.
Лидерот на Претставничкиот дом Џејкоб Рис-Мог изгледаше како олицетворение на тој презир кога во вторникот вечер речиси лежејќи се потпре во предната клупа, со затворени очи, додека околу него беснееше расправата.
Фотографијата од тој „архибрегзитер” стана популарна на социјалните мрежи, со коментар дека заспаниот пратеник го илустрира распадот на владејачкото мнозинство во Парламентот.
За критичарите Рис-Мог е и пример за надмен припадник на приватно школуваната елита, која Британија слепо ја води во брегзит без договор со ЕУ, што, како што се очекува, ќе предизвика економски хаос, како и недостиг дури и на храна, гориво и лекови.
Сè што недостигаше на таа фотографија беа монокл и цилиндар.