Германската канцеларка Ангела Меркел, која е во посета на Кина, истакна дека заштитата на климата е глобален проблем и ја повика меѓународната заедница да преземе соодветна акција.
Зборувајќи пред кинеските студенти на Универзитетот Хуажонг Меркел истакна дека климатските промени се предизвикани од сите и поради тоа заштитата на климата е одговорност на сите луѓе.
– Со оглед на глобализацијата, нужни се заеднички правила. На пример, во трговијата е потребна мултилатерална акција, а не протекционизам, рече Меркел.
Ова на Меркел е 12. посета на Кина откако е канцеларка, каде поведе голема бизнис делегација.
Таа, исто така, се заложи и за почитување на „правата и слободите” на Хонг Конг, каде веќе три месеци се одржуваат протести.
– Истакнав дека тие права и слободи мора, секако, да бидат загарантирани, рече Меркел на заедничката прес-конференција со кинескиот премиер Ли Кечијанг.
– Во актуелната ситуација потребно е да се направи сè за да се избегне насилство, а решенијата можат да се пронајдат само на политички план, односно преку дијалог, потенцираше германската канцеларка.