Свињите и телињата кои се колат на фарма мора да се заколат во мобилна кланица, а не во двор. Се дозволува продажба на суровото млеко од штала, но само ако е во млекомат. Со Новиот правилник до кој дојде 24 инфо и кој важи од први септември се регулира и продажбата на дивеч, но истиот мора да се обработи од страна на одобрен оператор со храна. Регулиран е и начинот на продажба на месо и риба од фарма, мед и јајца.
Фармерите и малите производители ќе можат да ги пласираат своите производи до крајните потрошувачи и нема да зависат од откупувачите, но притоа ќе мора да ги исполнат соодветните хигиенски и безбедносни критериуми пропишани во новиот Правилник за барањата и условите и хигиена за производство и ставање во промет на храна од животинско потекло наменета за директно снабдување, локализирана активност и за примена на традиционалните методи на производство, преработка и дистрибуција на храна со традиционални карактеристики, кој денес, во Стопанска комора на Македонија го промовираше Агенцијата за храна и ветеринарство. Правилникот е донесен во средината на минатиот месец, а почна да се применува од почетокот на септември и има за цел малите производители легално да ги продаваат своите производи за кои ќе ги гарантираат барањата за безбедност на храната.
-При изработката на Правилникот беа консултирани сите засегнати страни и во него се вградени поголем дел од забелешките. Овој подзаконски акт е подготвен во соработка со Факултетот за земјоделски науки и храна и Факултетот за ветеринарна медицина, како и со членовите на невладините организации и асоцијации.Фармерите и малите производители сега ќе можат да произведуваат производи од животинско потекло согласно условите што треба да ги исполнат и нема да зависат од откупувачите, бидејќи ќе може да ги пласираат до крајните потрошувачи или да ги понудат во некој маркет. Целта е да се олесни односно да можат директно да ги пласираат своите производи до крајниот потрошувач, но притоа мора да ги задоволат одредените хигиенски критериуми согласно Правилникот, рече директорот Атанасов на прес конференцијата.
Со Правилникот се регулира и олеснува ставањето во промет на мали количини производи кои ги произведуваат фармерите, без да се нарушува или доведува во прашање безбедноста на храната и заштитата на здравјето на потрошувачите. Покрај безбедноста, објасни директорот Атанасов, со овој подзаконски акт ќе се воспостави и следливост на оваа категорија производи.
Деталното регулирање на ставањето во промет на мали количини производи од животинско потекло како што се месото, млекото и нивните преработки, конзумните јајца и рибата се основа и поддршка и развој на малите производители на храна од животинско потекло, за развој на некои недоволно развиени призводствени региони во земјава и за зачувување на традиционалниот начин на производство на одредени производи.
-Новина во Правилникот е можноста за продажба на млекото преку млекомати, за што, производителите ќе треба да ги исполнат највисоките критериуми за безбедност и квалитет. За колење на животните директно на фарма производителите ќе можат да користат услуга од мобилни кланици кои ќе треба да бидат одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство. Сега регулирано е и ставањето во промет на месото од дивеч, кое ќе може да се обработи во мали објекти за таа намена, кои ги исполнуваат минималните барања за безбедност на храната, појасни Ванчо Новоселски, раководител на Сектор за инспекциски надзор при АХВ.
Заменик директорот на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството Борче Петковски, објасни дека оваа институција ќе се вклучи во промоција на Правилникот на терен, со цел поголем број производители да се охрабрат, да го регулираат своето производство согласно овој подзаконски акт и да разберат како нивните производи во основа ќе добијат поголема вредност и ќе станат поконкурентни. Државата ќе најде начин, рече тој, преку програмите за финансиска поддршка да ги подржи оние производители кои ќе решат да го регулираат производството согласно овој Правилник.
Правилникот дава можност примарните производители на мед сега да го пласираат производот на целата територија на државата. Производите согласно овој правилник треба да бидат означени, односно да ги содржат основните информации за потеклото, производителот, рокот и начинот на чување, со цел да се воспостави лесна следливост на производите.
Валентина Ангеловска