Пресудата на Врховниот суд на Шведска, со која се одбива екстрадиција на Дејан Давидовски, обвинет за настаните од 27 април во Собранието, се интерпретира на сосема погрешен начин, со што се доведува во заблуда јавноста, вели експерт по меѓународно казнено процесно право кого го консултираше „360 Степени“.
„Не станува збор за проценка на шведскиот суд дека во земјава се води политички процес или политичко судење за настаните од 27 април ниту се доведува во прашање делото за кое се товари Давидовски. Станува збор за примена на меѓународно-правен стандард дека за дела кои спаѓаат во групата на ,политички кривични дела’ може и да не се одобри екстрадиција“, вели експертот. Тој појаснува дека и “политичките кривични дела” се кривични дела за кои се одговара во секој демократски систем.
Во преводот од пресудата, објавен во дел од медиумите, може да се прочита дека Врховниот суд во Шведска го подвел делото „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, за кое е обвинет Давидовски, во групата „политички кривични дела“ и го поистоветил со кривичните дела од Глава 18 од Кривичниот законик на Шведска. Во членот 1 од таа глава може, на пример, да се види дека за дело слично со она за кое се товари Давидовски во земјава, во Шведска се оди во затвор и до 10 години.