Грчката крајбрежна стража денеска соопшти дека запленила брод и уапсила две лица осомничени дека се обиделе да прошверцуваат 37 мигранти во Италија.
Крајбрежната стража наведе дека бродот што пловел под украинско знаме вчераутро бил запрен во Јонско море, северозападно од островот Закинтос, јавија американските медиуми.
Мигрантите се префрлени во пристаништето Закинтос, а бродот бил конфискуван.
Податоците за националноста на мигрантите не се соопштени.
Грчките власти соопштија дека истражуваат дали двајцата осомничени, идентификувани само како странски државјани на возраст од 35 и 49 години, се дел од меѓународен шверцерски канал.
Стотици лица и натаму секојдневно пристигнуваат во Грција од Турција надевајќи се дека ќе стигнат на север, во развиените европски држави.