Во Собранието почна средбата меѓу премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на која ќе се обидат да најдат решение за Законот за јавно обвинителство, а со тоа и за статусот на Специјалното јавно обвинителство.
Во фокусот на разговорите ќе биде Законот за јавно обвинителство, а според ВМРО-ДПМНЕ ќе се разговара и за предвремени избори што биле и услов за лидерската средба. Од Владата пак за МИА велат дека за предвремени избори ќе се види на лице место.
Покрај Заев и Мицковски, на средбата се присутни и министерката за правда Рената Дескоска и претставниците на работните групи од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Заев денеска изјави дека очекува на средбата со Мицкоски да биде покажана одговорност и да се направи обид за решавање на прашањето со Законот за јавното обвинителство. За инсистирањето на опозицијата да се разговара за предвремени избори, Заев истакна дека тоа е легитимно барање, но нагласи дека ова е неповторив период кога фокусот треба да се стави на полноправното членство во НАТО и почеток на пристапните преговори со ЕУ.
Од исходот на вечерашната средба меѓу Заев и Мицкоски, зависи кога ќе се одржат продолженијата на комисиската и пленарната седница за Законот за ЈО, како и на парламентарното заседание за разрешување на специјалната обвинителка Катица Јанева, која мора да биде разрешена најдоцна до 15 септември.
Претседателот на Парламентот Талат Џаери изјави дека доколку има договор, тогаш седниците би можеле да бидат закажани уште утре. Според него, мора да се почитува рокот до 15 септември за разрешување на Јанева, а поради скратените рокови до 15 септември се очекува да биде донесен и Законот за ЈО за чие усвојување потребно е двотретинско мнозинство од пратениците.
Последната средба на работните групи на власта и опозицијата за законот, која се одржа минатата недела не вроди со суштествен заклучок, а сега се очекува решението да се бара на лидерската средба.
ФОТО: 24 Инфо