Нов пораз му нанесоа британските парламентарци на премиерот Борис Џонсон откако отфрлија барање за превремени избори на 15 октомври. Со само 293 гласови „за” далеку од неопходните две третини во Парламентот со 650 места, пратениците отфрлија синоќа по вторпат за изминатите пет денови предлог на Џонсон.
Пред гласањето шефот на Владата рече дека нема да бара ново одлагање на брегзит предвиден за 31 октомври и покрај тоа што вчера во сила влезе закон кој го предивидува тоа. Со тој текст премиерот треба да побара од ЕУ одлагање ако не се постигне договор за напуштање на 19 октомври.
Вчерашната седница во Долниот дом беше последна пред прекинот на работата на Парламентот за пет недели по одлуката на Џонсон. Таа ќе остане запаметена и со ненадејната одлука на претседателот на Долниот дом, Џон Баркоу кој поднесе оставка по 10 години на функција.