Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски можно е денеска да биде разрешен, пишува „360 степени“. Судскиот совет денеска во 10 часот ќе одржи нова седница, а во дневниот ред нема точка која би најавила дека ќе се расправа за евентуално разрешување на Вангеловски.
Но, како што пишува „360 степени“ точката за Вангеловски денеска би можела да се најде пред членовите на ова тело кое решава за избор и разрешување судии.
На седницата одржана на 17 јули, на која беше суспендиран судијата и поранешен претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, одлучувањето за Вангеловски беше одложено. Тоа го побара новиот член на Судскиот совет, Миљазим Мустафа, избран на предлог на претседателот Стево Пендаровски за, како што рече, да се запознае со случајот.