По вчерашните средби и активности во Париз, министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска и утре е во работна посета на Брисел, од каде ќе замине за Берлин.
Во фокусот и на овие средби, како што соопшти МНР, во клучниот период за европската иднина на Северна Македонија ќе бидат изгледите и чекорите кои се прават за позитивна одлука на Советот на ЕУ во октомври годинава.
Во Брисел е предвидено министерот Димитров да учествува на работен состанок со амбасадорите на земјите-членки при Европската унија (КОРЕПЕР), на кој ќе ги претстави тековните активности на земјата во пресрет на Советот, ќе потсети на севкупните постигнувања на земјата во изминатиот период и ќе побара носење на одлука за почеток на пристапните преговори.
Димитров ќе учествува и на настан организиран од страна на German Marshall Fund во Брисел посветен на патот на Република Северна Македонија кон европската и евроатлантската интеграција. Ќе се сретне и со високи претставници на европските институции, меѓу кои и еврокомесарот Јоханес Хан, а ќе присуствува и на приемот по повод Денот на независноста -8 Септември, кој го организираат дипломатско конзуларни претставништва на Република Северна Македонија во Брисел.
Во Берлин, пак, како што е најавено, предвидени се низа работни средби, меѓу кои и со шефот на германската дипломатија Хајко Мас, државниот министер надлежен за Европа Михаел Рот и со други владини претставници, како и со повеќе пратеници од Бундестагот, со претставници на Канцеларијата на германската канцеларка Ангела Меркел и други релевантни соговорници. За време на посетата, планирано е и учество на министерот Димитров на работен појадок организиран од страна на Фондацијата „Körber”.