Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство денеска присуствуваа на 14. состанок на Постојаната група на експерти за болеста африканска свинска чума што се одржува денеска во Софија.
Димковски, како што информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, посочил дека одржувањето на состанокот за Република Северна Македонија, како држава во којашто се уште не е регистрирана болеста, е од исклучително значаење во овој период кога оваа болест зема се поголем замав во регионот, а воедно и да се разменат искуства со другите земји во делот на преземените мерки за справување со африканската свинска чума.
Притоа, Димковски потенцирал дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе подолг период внимателно ја следи состојбата во однос на појавата и ширењето на болеста во регионот и во Европа.
-Владата на Република Северна Македонија, во јули презеде сет превентивни мерки за спречување на појава и ширење на болеста африканска свинска чума. Заради депопулација на питомите свињи од одгледувалиштата кои не ги исполнуваат биосигурносните мерки, министерството преку Програмата за финансиска помош воведе мерка за поддршка во висина од 50 евра по грло свиња. Оваа поддршка ќе ја добијат фармерите за секоја заклана свиња од фарми коишто немаат основни биосигурносни мерки. Агенцијата за храна и ветеринарство веќе склучи договор со претставниците од месната индустрија за преземање на месото. По добивањето на информацијата за појава на болеста африканска свинска чума кај свињите во соседна Бугарија, МЗШВ во јули донесе решение за одобрување на ловење на дивеч под заштита односно дива свиња, поради следење на здравствената состојба на животните и спречување на појава и ширење на болеста, и тоа 60 дена пред законскиот рок, рекол министерот Димковски.
Тој појаснил дека целта за носењето на ова решение е да се намали густината на популациите на дивите свињи, со што ќе се намали и ризикот за појава и ширење на оваа заразна болест во државава.
Отстрелот, појаснил, е веќе во тек и се очекува да добие на интензитет во следниот период. Како дел од превентивните мерки што ги презеде Владата се и забрана за држење на свињи на отворено, зајакнати контроли на граничните премини од Царинската управа во однос на проверка на личен багаж, одземање производи од животнско потекло, забрана на населување дива свиња во ловиштата согласно со планските документи и развојните програми, забрана за зимска прихрана на дивата свиња во ловиштата, како и јакнење на јавната свест перку медиумски кампањи.
Во Република Северна Македонија, до овој момент надлежните институции немаат регистрирано појава на заболено животно од африканска свинска чума.
На состанокот присуствуваат министерката за земјоделство и храна на Бугарија, Десислава Танева, комесарот за здравство и безбедност на храна на Европската комсија, Витениус Андриукаитис, министри и делегации од над 20 министерства за земјоделство од Европа, како и директори на агенции за храна и ветеринарство.