Кина изрази загриженост откако шефот на германската дипломатија Хајко Мас се сретна со активистот од Хонг Конг, Јошуа Вонг, истакнувајќи дека ниту една земја нема право да се меша во кинеските внатрешни прашања.
Вонг вчера во Берлин се сретна со Мас на настан организиран од германскиот весник „Билд”.
Откако Вонг во неделата 24 часа беше задржан на аеродромот во Хонг Конг поради наводно кршење на одредбите за ослободување со кауција, тој синоќа допатува во Берлин и најави дека ќе ја „продолжи својата борба за слободни избори”.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Хуа Чунинг изјави дека Кина е „крајно незадоволна” и е против тоа што Германија и дозволи влез на Вонг и средба со министерот за надворешни работи.
Таа додаде дека Кина веќе испратила протестна нота до Германија.
– Хонг Конг е внатрешно прашање и ниту една странска Влада, организација или поединец немаат право да се мешаат, посочи Хуа.
Таа наведе и дека при минатонеделната посета на Пекинг германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека е против насилство и оти поддржува „една земја, два система”.
– Не можеме да не се запрашаме која е целта на германската страна да и дозволи на Џошуа Вонг да ја посети Германија во овој момент и да се сретне со министерот Мас?, наведе Хуа.
Кина апелираше до Германија да ги почитува своите ветувања и да избегне испраќање на погрешни пораки до сепаратистичките сили во Хонг Конг.