Никола Димитров ја доби наградата за Придонес кон европската интеграција на регионот

Никола Димитров ја доби наградата за Придонес кон европската интеграција на регионот

По повод петгодишнината од основањето на порталот ,, Европски Западен Балкан“- europeanwesternbalkans.com , редакцијата ја доделува наградата за Придонес кон европската интеграција на регионот на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров.

Како што стои во образложениеето, наградата се доделува „за демонстрирање вонредни напори за приближување на неговата земја и регионот кон ЕУ, промовирање на духот на соработка и мир во регионалните работи, со посебен акцент на нормализирање на односите меѓу Грција и Северна Македонија, како и примерна поддршка за демократските реформи и надминување на товарот од минатото на Западен Балкан “.

Во оваа прилика, министерот за надворешни работи , Никола Димитров, изрази благодарност за наградата и истакна дека без ,,Европски Западен Балкан“, медиумската сцена нема да биде целосна.

„Бидејќи Европа не е комплетна без Западен Балкан, така и медиумската сцена во регионот не би била комплетна без ,,Европски Западен Балкан“ – секогаш присутен, навремен и фокусиран на работите што се важни – заедничка иднина на ЕУ. Честитки за завршувањето на 5 успешни години EWB! Да го зајакнеме заедно трансформативниот процес и да го прославиме завршувањето на европската приказна за Балканот, колку побрзо, толку подобро! “, изјави македонскиот министер Никола Димитров.

Наградата ќе му биде врачена на министерот Димитров по неговото враќање од официјалните посети на главните градови на земјите членки на ЕУ.

Порталот кој обработува исклучиво теми за Западен Балкан поврзани со евроинтеграцијата, за Никола Димитров пишува:

,,Никола Димитров стана министер за надворешни работи во Владата на Зоран Заев пред две години. Тој се смета за еден од политичарите што даде најголем придонес за решавање на повеќедеценискиот спор со Грција за името на неговата земја, што резултираше со поканата за членство во НАТО и поддршката на Атина за започнување на пристапните преговори со ЕУ .

Тој е професионален дипломат, поранешен амбасадор во Соединетите држави и Холандија и еден од најгласните поборници за европска интеграција на Западен Балкан и регионална соработка. Во своите обраќања, тој често потенцира колку се важни добрите односи меѓу земјите од регионот за патот на ЕУ.

„Целиот регион се обидува да фати брз воз. Незамисливо е Македонија да биде среќна и демократска земја без Србија да биде во истиот воз. Ние сме заедно во ова и драго ми е поради тоа. “(Време, 14.04.2018.)

Пред да стане министер за надворешни работи, Димитров беше активен член на граѓанското општество и истакнат член на Хашкиот институт за глобална правда“.

Порталот ,,Европски Западен Балкан“ е основан во 2014 година за да придонесе за достапност на информации поврзани со ЕУ во земјите од Западен Балкан, но и да ги пренесува вестите од регионот до Брисел и во главните градови на другите земји-членки. Во текот на овие пет години, EWB стана еден од најпочитуваните и најверодостојни извори на вести на англиски јазик во регионот, со силна поддршка и во Западен Балкан и во Брисел.

Треба да знаете
Последни објави