Италијанскиот премиер Џузепе Конте го освои првиот од двата обврзни гласа за доверба на својата коалиција, составена од ривалски партии, по бурната седница на Парламентот и бројните навреди од страна на опозицијата, која е гневна што Италија наместо избори доби нова влада.
Гласањето во Претставничкиот дом, на кое 343 пратеници се изјаснија „за”, 263 беа „против”, а тројца пратеници воздржани, всушност е вовед за денешното гласање во Сенатот, кое веројатно ќе биде понеизвесно, бидејќи тука коалицијата нема солидно мнозинство.
Голем дел од седницата во Долниот дом на пратениците помина во расправии и навреди.
Конте формира нова коалиција од лути противници – популистичкото Движење 5 ѕвезди, кое тој го предводеше во првата коалиција, и од Демократската партија. Веројатно тоа што ги споило овие два партнера била одлучноста да се собори од власт Матео Салвини и неговата антимигрантска Лига.