Техничкиот советник на Ред Бул Рејсинг – д-р Хелмут Марко – беше непопустлив и ги негираше сите гласини кои укажуваат на враќање на Себастијан Фетел во тимот, со кој Германецот ги освои сите четири светски титули.
Иднината на 32-годишниот возач на Ферари е повторно централна тема на дебата по италијанското Гран При. На „Монца”, Фетел повторно направи грешка и ја заврши трката на 13. место, додека неговиот колеа, Шарл Луклер победи и ја прекина 9-годишната суша за „Скудерија”.
Се разбира, ако станува збор за разделба со „црните коњчиња”, двете најреални опции за Фетел би биле Ред Бул и Мерцедес. Хелмут Марко побрза да ги отстрани „биковите” од можна битка за потписот на искусниот Германец.
– Не знам каква ќе биде неговата иднина. Имавме неколку одлични години заедно, но сега ги имаме нашите четворица пилоти (заедно со тие од Торо Росо), рече д-р Марко.
Во исто време, сегашниот водечки пилот на Ред Бул, Макс Верстапен, ја поздрави идејата да стане колега со Леклер во одреден момент во иднина.
– Шарл и јас можеме да возиме во ист тим. И двајцата сакаме да победуваме, но се почитуваме, сподели Холанѓанецот.