Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи 153-тата редовна седница, на чиј дневен ред се повеќе точки од областа на надворешната политика, безбедноста, економијата и земјоделството.
Како што информира владината прес-служба, на денешната седница на предлог на Министерството за надворешни работи, Владата ќе ја разгледа информацијата со Предлог-платформа за учеството на делегацијата на Република Северна Македонија на 74-то редовно заседание на Генералното собрание на Обединетите нации, како и информацијата за подигнување на статусот на Република Северна Македонија во Заедницата на демократии и поднесување барање за стекнување статус на земја членка на Управниот одбор на Заедницата на демократии.
На предлог на Секретаријатот за европски прашања, на оваа седница ќе биде презентирана и информацијата за пристапувањето на Република Северна Македонија во стратегијата за Јадранско – Јонскиот регион.
Владата денеска ќе се произнесе и по информацијата за преземање иницијатива и напредок во процесот на усогласување на текстовите на Договорот помеѓу Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија и Центарот за проценка на ризик во ланецот на исхрана на Република Бугарија за соработка во областа на безбедност на храната и ветеринарната политика и Договорот помеѓу Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија и Агенцијата за безбедност на храна на Република Бугарија за соработка во областа на безбедност на храната и ветеринарната политика.
На оваа седница владата ќе ја разгледа и ќе донесе одлука за Предлог – програма за изменување на Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2019 година и Програма за изменување на Програмата за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премија за 2019 година.
За оваа седница на Владата на РСМ, Министерството за внатрешни работи ја предлага за разгледување Предлог – уредбата за обезбедување на тајност, заштита и безбедност на податоците содржани во интегрираната база на податоци за странци вклучувајќи податоци за азил, миграции и визи, како и предлогот за поведување постапка за водење преговори за склучување на Протокол помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Грција за соработка во областа на борба против трговија со луѓе.
На седницата ќе биде презентиран и извештајот за извршени преговори со усогласен текст на Договор меѓу Владата на Сојузна Република Германија и Владата на Република Северна Македонија за соработка во борба против криминалот.
На предлог на Министерство за правда, за оваа седница е предвидено разгледување на Предлог-законот за измени и дополнување на Закон за правда за децата.